Турција почна воздушни напади на северни делови во Сирија и Ирак, целејќи на курдските групи кои ги смета за одговорни за минатонеделниот бомбашки напад во Истанбул во кој загинаа шест луѓе, а 81 беа повредени.
Како што соопшти турското Министерство за одбрана, воени авиони нападнале бази на курдската работничка партија и на единиците за заштита на народот на Сирија.
Турското Министерство за одбрана наведе дека има право на одбрана по член 51 од Повелбата на Обединетите Нации и дека поради тоа е покрената операцијата „Меч канџа“. Во соопштението пишува дека Турција ги гаѓа областите кои непријателите ги користеле како терористичка база за своите напади и дека настојува да ја обезбеди својата јужна граница.
Во меѓувреме, градскиот суд на Софија им одреди притвор на четворицата странци кои и помагале на атентаторката во Истанбул. Според судот, нема докази дека се соучесници во нападот, освен поради податоци од електронската апликација во телефон, но тие остануваат во притвор поради сомнение за логистичка поддршка.
Само за четворица од приведените, софиското Обвинителство побара трајно приведување, бидејќи за петтообвинетата, жена со здравствени проблеми, истражителите процениле дека нема да биде во притвор.
Освен за помагање на терористичка дејност, тие се осомничени и за трговија со луѓе и за криумчарење.











