Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Судски совет и Врховен суд: Со измените на законите за платите во судството се нарушува независноста на судската власт

/

пред 217 дена

Сподели преку :

Судскиот совет и Врховниот суд со заедничка реакција дека со донесените законите со кои се намалуваат коефициентите на платите во судството директно се нарушува уставно загарантираната независност на судската власт. Истакнуваат дека овие измени не се во согласност со уставните определби за независно и самостојно судство.

„Како уставни институции надлежни за обезбедување на независноста на судската власт, Судскиот совет и Врховниот суд потсетуваат дека материјалната и финансиската независност не се прашање на привилегија, туку суштински елемент на уставниот поредок и гаранција за владеење на правото. Независноста на судството е темел на правната држава и не може да се сведува на тековни буџетски политики, односно на системски решенија“, стои во заедничкото соопштението од Врховен суд и Судски совет.

Ја поддржуваат одлуката на Здружението на судии да покрене постапка пред Уставниот суд. Повикуваат на итен, суштински и конструктивен институционален дијалог кога се носат односно усвојуваат решенија.

„Во изминатиот период, наместо институционален дијалог меѓу трите власти, сведоци сме на постојано игнорирање на укажувањата за состојбата во судството, вклучително и на сериозниот недостиг од судии и судска администрација, несоодветните услови за работа и отсуството на системски пристап кон одржување на функционалноста на судовите. Овие прашања директно влијаат врз ефикасноста, квалитетот и достапноста на правдата за граѓаните. Очекуваме итно и системско решавање на овие прашања, преку обезбедување соодветен материјален статус на судиите, зголемување на платите на судската администрација и одобрување на потребни вработувања во судовите“, пишува во соопштението.

Секое законско решение кое ја доведува во прашање материјалната сигурност на судиите или ја деградира положбата на судската администрација, влијае врз независноста и стабилноста на системот во целина и создава ризик од нарушување на довербата во правосудството. Стабилен и независен судски систем е предуслов за правна сигурност, борба против корупцијата и европски напредок на државата, потенцираат Судскиот совет и Врховниот суд.

Е.И.