Напаѓачот на градоначалничката Арсовска од денеска доби статус на обвинет, а останува во притвор кој е продолжен 30 дена соопшти денеска судот. Сулејман Љамалари останува во притвор по две основи поради сомнеж дека може да го повтори делото и опасност од бегство.
Во исто време од Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот кривичен суд Скопје, доставен е обвинителен предлог против Љамалари, алијас командант Барути за кривично дело – насилство.
„Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки. Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува“ стои во соопштението на обвинителството.
За второпријавениот е отфрлена пријавата и укинати му се претходните мерки на претпазливост.
Од судот дополнија дека е оформен кривично правен предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, и ќе биде закажана главна расправа.











