Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг изјави дека бара налози за апсење на водачите на Израел и Хамас, вклучувајќи го и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поради акциите преземени во седуммесечна војна.
Карим Кан рече дека верува оти Нетанјаху, неговиот министер за одбрана Јоав Галант и тројцата водачи на Хамас – Јехја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханија, се одговорни за воените злосторства и злосторствата против човештвото во Појасот Газа и Израел.
Комитетот од тројца судии ќе ги разгледа доказите на обвинителот и ќе одреди дали да издаде налог за апсење. Израел не е член на судот, па дури и да бидат издадени налози за апсење, Нетанјаху и Галант не се соочуваат со непосреден ризик од кривично гонење. Најавата на Кан ја продлабочува изолацијата на Израел, а со тоа ја заострува заканата од апсење што може да им отежне на израелските лидери да патуваат во странство.
Се верува дека и Синвар и Деиф се кријат во Газа додека Израел се обидува да ги лови. Ханије, врховниот водач на исламската милитантна група, често патува низ регионот. Последната војна меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври, кога милитантите од Газа преминаа во Израел и убија околу 1.200 цивили, а зедоа 250 други под заложништво.
Во израелската офанзива загинаа над 35.000 Палестинци, најмалку половина од нив жени и деца, според последните проценки на здравствените власти во Газа. Израелската офанзива, предизвика хуманитарна криза во Газа, раселувајќи приближно 80% од населението и оставајќи стотици илјади луѓе на работ на глад, според Обединетите нации.











