Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја доби наградата „Глобален граѓанин“ („Global Citizen“) за 2024 година од Атлантскиот совет и посочи дека „наградата, пред сè, му припаѓа на грчкиот народ за неговата издржливост и истрајност во последните неколку години.
Секоја година на Генералното собрание на ОН во Њујорк се доделуваат награди, а добитниците се поединци кои дале исклучителен и карактеристичен придонес во зајакнувањето на трансатлантските односи.
Оваа година, освен грчкиот премиер, наградени беа и претседателот на Гана Нана Акуфо Адо, италијанската премиерка Џорџија Мелони и заменик-претседателката на јужнокорејската компанија „CJ Group“ Мики Ли.
Наградата на грчкиот премиер му ја додели извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла. Според Мицотакис Грција успеала да покаже дека може да владее од политичкиот центар, но и да е за раст, а истовремено и „фискално дисциплинирана“.
„Не се сите прашања идеолошки. Мислам дека наша одговорност како лидери е да бараме ефективни решенија и каде што можеме да ги наоѓаме. На крајот, ќе нè оценат по тоа колку го подобруваме животот на граѓаните. Нема да нè оценат едноставно по тоа колку сме елоквентни во нашите јавни говори, тоа не е мерката со која денес се мери политичкиот успех на еден лидер. Во овие времиња на интензивна поларизација, би сакал да истакнам дека е клучно, кога се справуваме со популисти, кои веруваат дека имаат едноставни решенија за сложените проблеми, да го препознаеме фактот дека зад овие популисти стојат реални поплаки на граѓаните“, рече Мицотакис во своето обраќање.











