Документот-резолуција за потврдување на легитимитетот на украинскиот претседател беше предложен како симболичен чин на поддршка за Зеленски, чија легитимност е оспорувана од Русија, а неодамна и од претседателот на САД, Доналд Трамп кој го нарече украинскиот лидер- диктатор.
Но, украинскиот парламент не успеа да ја изгласа резолуцијата со која се потврдува легитимитетот на претседателот Володимир Зеленски, бидејќи на денешната седница немаше доволно гласови за усвојување на документот, објави новинската агенција ДПА.
На специјалната седница на Врховната рада, свикана по повод третата годишнина од руската инвазија, резолуцијата доби 218 гласови, што е за 8 помалку од потребните 226.
Од присутните пратеници, 54 не учествуваа во гласањето, меѓу кои 38 членови од партијата „Слуга на народот“ на Зеленски.
Во резолуцијата се наведува дека Зеленски бил избран на „слободни, транспарентни и демократски избори“ и дека неговиот мандат „не е доведен во прашање од украинскиот народ или од парламентот“.
Исто така, документот се повикува на украинскиот Устав, според кој претседателот останува на функција сè додека не биде избран негов наследник.
Мандатот на Зеленски формално заврши во мај, но, нови избори не можат да се одржат поради воената состојба во земјата.
Минатата недела американскиот претседател Трамп го нарече Зеленски „диктатор“, бидејќи не одржал избори во последните години, а истата теза претходно ја промовираше Путин и Русија.
Без јасна парламентарна поддршка, Зеленски би можел да се соочи со потешкотии во ратификацијата на меѓународни договори, како што е потенцијален мировен договор со Русија или договорот за минерали со САД.











