Едно лице загина, а осум се повредени во терористички напад што претпладнево се случи на автопат во околината на Ерусалим, соопштија израелските власти. Според полициски извори, нападот го извршиле тројца Палестинци во близина на контролен пункт. Тие отвореиле оган од автоматско оружје врз колона со возила. Сите тројца се елиминирани од израелските безбедносни сили.
Местото на пукање го посети министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир. Тој порача дека е потребно повеќе оружје, повеќе контролни пунктови, но и повеќе ограничувања.
Во меѓувреме продолжува израелската копнена офанзива во опколената територија со жесток интензитет. Според министерството за здравство во Газа, во текот на ноќта се убиени 99 Палестинци ширум појасот Газа додека се водат преговори за ново примирје, ослободување на заложници, достава на хуманитарна и медицинска помош во енклавата и постигнување на евентуално преодно решение кое подоцна би довело до крај на војната.
Израелските сили соопштија дека пресретнале проектил што, наводно, го истрелале јеменските Хути кон градот Еилат. Либанските медиуми, пак, јавуваат дека израелската артилерија напаѓа цели на југот на земјата, во близина на границата. Ако кон сето ова се додадат и израелските рации на Западниот брег и апсењата на најмалку 10 лица, ситуацијата на Блискиот Исток останува високоризична, со можност да излезе од контрола и да го запали целиот регион и покрај меѓународните напори за изнаоѓање решение за траен мир меѓу Израелците и Палестинците.
Сашко Димовски











