Со првите поладни есенски денови во Тетово веќе се чувствува непријатен мирис во вечерните часови. И оваа зима ќе нè гуши загадениот воздух, сметаат дел од жителите на градот кој секоја година е на листата на најзагадени.
Активистот Елмедина Абдулахи, како дел од Иницијативата „Подобро за Тетово“, вели дека не треба ни да се гледаат апликациите, се чувствува дека веќе има аерозагадување, кое ќе се зголемува со влошувањето на временските прилики.
„Не треба да бидеш ни експерт, не треба ни да провериш апликација. Со самиот мирис и печење во очите и носот чувствуваш дека има загаден воздух. И ова загадување е само почеток. Треба да се очекува многу повеќе во зимскиот период кога температурите ќе бидат многу пониски и кога ќе има инверзија на воздухот“, изјави Елмедина Абдулахи, граѓанска активистка од Иницијатива „Подобро за Тетово“.
Активистите сметаат иако има подобрување, сепак властите не преземаат доволно мерки со кои би се намалило аерозагадувањето. Лоша практика на општинските власти е тоа што ги сечат старите дрва при реконструкции на улици, не за културолошкиот аспект и традицијата на градот туку поради штетните последици по животната средина, вели Абдулахи.
„Многу е жално што продолжува да се гради без урбанистичко планирање како што треба. Продолжува да се зголемува бројот на автомобили и да нема паркинг надвор од градот. Продолжува да се сечат дрвата. Ова стана еден многу невкусен тренд на Општината. Никако не може да се замени старото дрво со новото бидејќи новите засадени дрвца немаат капацитет за апсорбирање на диоксид карбонот и немаат капацитет колку што имаат старите дрва“, додава Абдулахи.
Првиот човек на Општина Тетово со најава дека има проект со кој е предвидена промена на грејните тела на поголемиот дел од јавните институции.
„Се надеваме ќе се подобри потрошувачката на енергенси, кои воглавно во тие институции се едни од главните загадувачи на воздухот. Исто така е разговарано за да се продолжи концептот за поддршка на граѓаните за промена на грејните системи, односно можноста за пак да се субвенционира инсталирањето на инвертери“, порача Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.
Од почетокот на годинава до сега, во Тетово во 60 дена е регистрирано надминување на среднодневната гранична вредност за PM10, иако според здравствените стандарди во цела година не треба да има повеќе од 35 денови со аерозагадување.
Данијела Билбилоска











