Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Трамп се закани со „сериозни царини“ против Русија, доколку за 50 дена нема мир во Украина

/

пред 460 дена

Сподели преку :

Американскиот претседател, Доналд Трамп, по денешната средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претстави план во повеќе чекори чија цел е да го зголеми притисокот врз Русија да ја запре инвазијата на Украина, вклучувајќи испраќање ново оружје и муниција за Киев и заканувајќи се со економски санкции против Москва доколку во рок од 50 дена не биде постигнат мир.

Анализирајќи ги најавите на Трамп, очигледно станува збор за драматично поинаков пристап кон конфликтот, од кој се обидуваше да се дистанцира по преземањето на функцијата во јануари.

Тоа што е очигледно кај Трамп е фрустрираноста од неуспехот на разговорите со рускиот Претседател, Владимир Путин. По последниот телефонски разговор на Трамп со Путин, Русија го изведе најмасовното бомбардирање на Украинските градови. Шефот на американската држава сега очекува Русија во рок од 50 дена да се согласи на мир, заканувајќи се со дополнителни царини против Москва, но и земјите кои ги купуваат руските нафта и гас.

„Ние сме многу незадоволни, јас сум незадоволен од Русија. Подетално за тоа ќе разговараме друг пат, но многу сме незадоволни од нив и ќе воведеме многу остри царини доколку немаме договор за 50 дена. Царини во износ од 100%, тие ги нарекуваме второстепени царини. Разочаран сум од Претседателот Путин, затоа што мислев дека ќе имаме договор пред два месеци, но нема напредок. Ние ја правиме најдобрата опрема, најдобрите ракети, сѐ најдобро. Европските земји го знаат тоа. Денеска направивме договор, за тоа и Марк ќе зборува, но имаме договор, со кои ние ќе им испраќаме оружја а тие ќе плаќаат за нив. САД нема да плаќаат. Ние не го купуваме, туку ќе го произведеме и тие ќе го платат“ – изјави Трамп.

Планот кој Трамп го претстави денеска во Белата Куќа, односно европските држави да купуваат американско оружје кое потоа ќе го пренесуваат во Украина, се подготвуваше повеќе месеци а европските лидери упорно бараа начин како да ги задржат американските пратки оружје за Украина, дури и под водството на претседателот кој се закануваше да ја повлече американската поддршка.

„Имав контакт со многу земји, можам да ви кажам дека во моментов, Германија (во голем дел), но и Финска и Данска и Шведска и Норвешка, Обединетото Кралство, Холандија, Канада – сите сакаат да бидат дел од ова. А ова е само првиот бран. Ќе има уште. Тоа што ќе го направиме е да работиме преку системот на НАТО, за да се осигураме дека знаеме, што и е потребно на Украина. Ќе направиме пакети“ – рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Тоа значи дека Украина ќе добие масовен број на воена опрема, за противвоздушна одбрана, но и ракети, муниција, итн.

Логиката на Трамп за начинот на кој ќе се доставува американската помош функционира на неколку нивоа.

Со тоа што оружјето го продава на Европските држави а не директно на Украина, тој може да се изолира од политичките критики, дека не го исполнува ветувањето од кампањата- дека ќе го намали американското мешање во повеќегодишната војна.

Истовремено, тој очекува и голема финансиска придобивка. Секој ракетен систем Патриот чини околу 1 милијарда долари, а Трамп во секоја своја одлука го потенцира профитот.

Конечно, испраќањето помош во ново оружје за Украина ќе испрати и сигнал до Москва, дека Трамп е сериозен во своите критики кон Путин, со кого шефот на американската држава сакаше да потенцира дека има одлични односи.

Никола Илиевски