Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја критикуваше Алијансата, наведувајќи дека се сомнева оти НАТО би застанал зад САД доколку на земјата навистина ѝ биде потребна помош. Во објава на платформата „Truth Social“, Трамп напиша дека „САД секогаш ќе бидат тука за НАТО, дури и ако тие нема да бидат тука за нив“.
Изјавата доаѓа еден ден откако Белата куќа соопшти дека не ја исклучува можноста за воена интервенција со цел преземање на Гренланд од Данска, земја членка на НАТО, што предизвика реакции и загриженост кај европските сојузници.
Меѓувреме, претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, изјави дека не е запознаен со планови за испраќање американска војска во Гренланд, нагласувајќи дека засега се разгледуваат дипломатски, а не воени опции.












