Американскиот претседател, Доналд Трамп, жестоко ја бранеше денеска балската сала која ја гради во состав на Белата Куќа, откако околу 1 милијарда долари поврзани со финансирање за тајната служба на САД за безбедносните интервенции на комплексот кој се гради, беа отстранети од предлог-законот на републиканците во Сенатот за време на викендот.
Стоејќи пред градилиштето каде се гради балската сала и пред прикажани визуелизации на проектот поставени на штафелаи, Трамп се обиде да ги негира критиките дека даночните обврзници, односно обичните американци се тие кои
го плаќаат неговиот проект, тврдејќи дека салата се финансира целосно со приватни средства, додека пари од Конгресот се бараат само за поврзани безбедносни интервенции.
„Сето ова се мои пари и пари од донатори. Ова е без данок. Ние даваме подарок.“ -тврди Трамп.
Но, сепак и додаде дека: „Конгресот одобрува пари за безбедност. Дел од нив можеби ќе одат овде за дополнителна безбедност. Не знам. Но оваа зграда ја платив јас, заедно со многу големи патриоти.“
Проектот на Трамп, кој жестоко го критикуваат демократите наиде на процедурални пречки во американскиот конгрес, откако службата задолжена за почитување на процедурите на работа во Сенатот, одлучи дека планот за финансирање на проект толку голем и комплексен како масовната реконструкција на Источното крило на Белата Куќа, каде Трамп ја гради балската сала, не може да биде дел од тесниот буџетски предлог-закон на републиканците, кој потоа и не може да биде блокиран со филибастер и за кој е неопходно само просто мнозинство за да се усвои.
Тоа значи дека на шефот на американската држава сега му треба и поддршка од Демократите, кои не ни помислуваат тоа да го направат.
Н.И

















