Три дена роденден со концерти, манифестации и панели. Во ек на економска криза, ДУИ слават 20 години постоење, за што, според проценките на албанските медиуми, ќе потрошат околу 100 илјади евра.
На социјалните мрежи кружат неофицијални информации дека ангажираните пејачи ќе добијат хонорари од 4.000 до 8.000 евра, за журките во Скопје и Тетово.
Опозицијата реагира дека, не е време за прослави, особено не на партија која од постоењето до денес е речиси цело време на власт и иако во јавноста се објавени низа криминални афери, досега нема ниту една пресуда против нивни функционер.
И од Алијанса за Албанците обвинуваат дека, ДУИ и на локално и на државно ниво се обвинувани за криминал, но за разлика од функционерите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не е покренат ниту еден процес против нив, затоа што се „метастазирани во сите институции“ и се „сериозна закана за нормалното функционирање на еден општествен систем“.
Од Движењето БЕСА, пак, прашуваат, што сакаат ДУИ да прослават со концертот во Тетово?
Од ДУИ нема одговор на овие обвинувања. На прославата ги поканиле сите претседатели на парламентарни партии, освен на Левица.
Но, опозициските партии веќе најавија дека нема да присуствуваат. Поканети се и политички лидери од Албанија, Косово и Црна Гора.
Далиборка Демјанска Цветановска











