Три лица загинаа, а 12 се повредени во напади на руските сили врз Селидово, во близина на Доњецк на истокот на Украина, пренесуваат локалните медиуми.
Во нападот се погодени девет станбени згради и болница на 20-тина километри западно од линијата на фронтот, објавија градските власти на Селидово на Телеграм. Едно дете е меѓу загинатите, четири меѓу повредените, се додава во објавата.
Според гувернерот на областа Доњецк, Вадим Филашким, првиот напад се случил околу 23:30 часот, а вториот околу 1 часот по полноќ. Стотина пациенти од болницата, според него, се евакуирани во болниците во Покровск и Мирноград.
Ниту еден извор не наведе за каков точно напад станува збор.
Местото Селидово, кое пред војната броеше околу 21.000 жители, се наоѓа во околината на Доњецк, област под руска контрола од 2014 година.











