Основниот Кривичен суд Скопје одреди 30-дневен притвор за осомничениот за убиството кај ТЦ „Мавровка“.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, за определување мерка притвор против Е.К. од Скопје, осомничен за две кривични дела Убиство и Убиство во обид, како и едно кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и трговија со огнено оружје“, а поврзано со вчерашното убиство на паркингот кај ТЦ „Мавровка“, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“, информираат од Кривичниот суд.
Притворот, како што се додава во соопштението, се определува заради постоење на основи од член 165, ст.1, точки 1, 2 и 3, односно опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и повторување на делото.
Против ова решение, странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на судот.











