Работиме на зголемување на продукцијата на македонски земјоделски производи и трендот на раст што го имавме во 2025 година во споредба со 2024 година, да продолжи и во 2026 година, рече Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Македонскиот земјоделски производ, независно дали е примарен, односно свеж, или е во преработка, е многу баран на пазарите надвор. А, со сите овие турбуленции кои што се случуваат на светско ниво, во услови на недостиг на храна, ние треба да го искористиме моментот и да извезуваме што е множно повеќе и свежи производи и преработки“, нагласи Трипуновски.
Тој потенцира дека Македонија има сериозно зголемување во извозот на земјоделски производи во 2025 година, во однос на 2024 година.
„Тоа е показател дека имаме прогрес во овој дел. Не е само да се каже дека има извоз, туку навистина треба и тој извоз да се обезбеди. Не чувствувам опасност како држава во делот на договорот што го има Европската Унија во делот на пореметување на пазарот. Напротив, мислам дека ние треба да ја искористиме шансата да поентираме и што е можно повеќе да извеземе“, истакна Трипуновски.
С.Д.











