Непознатата фирма чија документација ја разгледува тендерската комисија при МЗ, за која од Здружението за ретки болести вчера изразија стравување дека со паралелен увоз може да донесе фалсификувани лекови, со што ќе се повтори сценариото од 2016, е во сопственост на турски државјанин. Таа на тендерот отворен на 19 овој месец понудила најниски цени за увоз на 42 од вкупно 46 лекови за пацинети со ретки болести. Според набљудувачите присутни на отварањето на тендерот станува збор за фирмата ЕУ Синерги , чиј сопственик и управител е Абдулхамид Јилдирим . Приоритетна дејност на фирмата се информативните услужни дејности, а таа е формирана во Македонија во декември 2020 година како подржница на мајката фирма и заведена е како Друштво за производство, трговија и услуги. До сега не учествувала на тендери во земјава, но лани остварила вкупен приход од 600 000 евра и добивка од 210 000 евра. ЕУ Синерги е регистрирана во Агенцијата за лекови на 15. февруари годинава, со што добива можност да набавува лекови. А, критериум за доделување на договорот на тендерот за набавка на лекови за ретки болести е најниската цена.
Од тендерската комисија за Телма рекоа дека согласно законот, додека трае евалуацијата на понудите не можат да даваат информации за нив. Но, децидни се дека не се разгледува само понудата на ЕУ Синерги со најниски цени за лековите, туку и на останатите фирми кои се јавиле на тендерот.
Сите ги проверувме зашто може и некоја од постоечките порано што нуделе, да дадат понуда што нема да има сертификат, нема да има одобрение. Значи тие фирми што не ги исполнуваат условите отпаѓаат, без разлика дали цената им е ниска или не. Мора да се исполнат условите согласно Законот за мекови и медицински средства, велат од Тендерска комисија за избор на фирма за набавка на лекови за ретки болести
Тендерот за набавка на лекови за лицата со ретки болести требаше да биде отворен на почетокот на годината, а не дури сега, реагираа од Здружението. Доцнењето предизвика револт на социјалните мрежи кај пациентите и кај родителите на деца со ретки болести.
- Не знам за другите ретки, но децата со артрит кои се на биолошка барем два пати во годината имаат пауза во лекувањето поради недостиг на терапија, вклучувајќи го и последниот месец дена.
- За жал така е. Нема лекови за ретки болести. Државата треба да води сметка за терапија за оваа група на дечиња. Родителите оставени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат. Стварно жално.
- Страшно е кај многу групи на пациенти се случува истото. И не е фер и не е дозволиво и мора да се најде решение.
Од Комисијата признаваат дека тендерот доцни, но велат дека изборот на новата влада, со нов министер за здравство кој требало да стави потпис и да се формира нова тендерска комисија се причини за доцнењето на тендерот. Од комисијата демантираат дека нема лекови за пациентите за ретки болести, со објаснување дека сега се трошат количините набавени со претходниот тендер. Но, од Здружението велат дека за некои ретки болести имаат лекови само до крајот на јуни и се сомневаат дека поради траењето на тендерската постапка, веќе од јули многу граѓани со ретки болести ќе останат без лекови.
Во 2016-тата изби скандал со паралелен увоз на лекови од Турција за болни од рак и со ретки болести, од кои 40% беа фалсификувани и предизвикаа дополнителни здравствени проблеми на пациентите. Иако Обвинителството поведе истрага. До денес никој не e казнет за случајот.
Сотир Трајков











