Високиот претставник на Хамас, Салех Арури е убиен во Бејрут, потврдија од палестинската милитантна група и од Хезболах.
Либанската државна новинска агенција пренесе дека Арури и уште три лица се убиени во експлозија што ја предизвикал израелски дрон. Експлозијата се случила во Мушафарија, јужно предградие на Бејрут, кое е упориште на Хезболах, сојузничка организација на Хамас. Израелски официјални лица сè уште се без коментар за таквите наводи.
Арури, еден од основачите на военото крило на Хамас, беше на чело на групата на Западниот Брег.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани дека ќе го убие и пред војната која почна на 7 октомври.
Доколку се потврди дека Израел стои зад нападот, тоа би било опасност од ескалација на војната во целиот регион на Блискиот исток.
Лидерот на Хезболах, Саед Хасан Насрала вети дека ќе возврати на било какви напади од Израел врз палестински официјални лица во Либан.











