Кандидатот за канцелар и лидер на Христијанско демократската унија Фридрих Мерц, кој победи на парламентарните избори во Германија, денеска го започна процесот за формирање на новата влада. Резултатите од изборите го ограничија изборот на Мерц, кој се сведе само на една опција за коалиционен партнер, Социјалдемократите кои претрпеа тежок пораз и чија владеачка коалиција беше толку непопуларна и нефункционална што не успеа ниту да го комплетира мандатот.
„ЦДУ-ЦСУ нема друга алтернатива освен Социјалдемократите. Зелените нема да бидат доволно. Ќе мора да се најде некоја партија, и таа треба да дојде од левицата, а тоа не е остварливо. Значи, коалиција со Социјалдемократите е единствената алтернатива“, смета политичкиот аналитичар, Волфганг Меркел.
Како идеолошки политички опоненти овие две партии низ историјата честопати успешно коалицирале, но овој пат разликите се преголеми. Настаните кои им претходеа на изборите, пред се нападите во изминативе неколку месеци кои беа извршени од доселеници, предизвикаа промена во курсот на умерените демохристијани што, пак, политички дополнително ги оддалечи од Социјалдемократите.
Нападот во баварскиот град Ашафенбург на 22 јануари, речиси, еден месец пред изборите, го поттикна Мерц во Бундестагот да предложи поостра регулатива и последните недели од кампањата да ги фокусира токму на миграцијата. За усвојување на таа регулатива му беше потребна поддршка од Алтернатива за Германија, а тоа флертување со крајната десница му донесе жестоки критики и обвинувања дека Мерц не си стои на зборот.
„Не го забораваме гласањето со АФД во Бундестагот, тоа што не си го одржа зборот, бидејќи претходно тоа категорично го отфрлаше. Прашањето сега е дали ЦДУ и СПД ќе се усогласат за ова, бидејќи сегашните позиции им се спротивставени“, вели политичкиот аналитичар Албрехт вон Лук.
Одговорот на тоа прашање ќе биде познат наскоро. Мерц претходно најави дека процесот на формирање на новата влада ќе се одвива брзо. Единствената мотивација на лидерот на Социјалдемократите, Ларс Клингбиел повторно да влезат во коалиција со Демохристијаните, е да се спречат екстремистите од Алтернатива за Германија да влезат во извршната власт.
Игор Трајков











