Уставниот суд на утрешната седница ќе расправа за балансерот по поднесена иницијатива од Антикорупциска, која оспорува неколку членови од законите кои се однесуваат на вработување во јавниот сектор на припадници на помалите етнички заедници. Според Антикорупциска, со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со Уставот.
Антикорупциска смета дека припадноста на заедниците во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност.
„Со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место“, се наведува во иницијативата на ДКСК.
Антикорупциска одлучи да јаподнесе иницијатива до Уставниот суд на седницата одржана на 11 јануари годинава.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев неколку пати изјави дека балансерот треба да се укине, бидејќи ја загубил својата намена. Според него, имало случаи каде што Македонци се изјаснувале како Албанци и обратно или пак други етнички заедници како Македонци или како Албанци, а таквите злоупотреби на балансерот се регистрирани и аргументирани. Минчев притоа најави и дека ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд.
Марија Митевска











