На Косово утре треба да се одржат парламентарни избори кои се очекува да бидат клучен тест за премиерот Албин Курти, откако неговата партија убедливо победи пред четири години.
Околу два милиони гласачи, вклучително и оние од дијаспората, ќе гласаат за да изберат 120 пратеници.
Српското малцинство има 10 обезбедени места, додека уште 10 се за другите малцинства.
Движењето „Самоопределување“ на премиерот Курти се смета за фаворит, но не се очекува да го освои потребното мнозинство за самостојно да формира влада.
За време на предизборната кампања, партиите дадоа големи ветувања за зголемување на платите и пензиите, за подобрување на образованието и здравствените услуги и борба против сиромаштијата. Но, не објаснија од каде ќе дојдат парите, ниту како ќе привлечат повеќе странски инвестиции.
Косово, е една од најсиромашните земји во Европа со годишен бруто домашен производ помал од 6.000 евра по жител.
Утрешното гласање ќе одреди кој ќе ја предводи косовската страна во застојот на дијалогот за нормализација на односите со Србија, што се водат со посредство на Европската унија.
Курти беше во судир со западните земји заради некои акции на неговата влада минатата година, како што е забраната за користење на српскиот динар и трансферите од Србија за граѓаните на Косово кои зависат од социјалните услуги.
Вашингтон и Брисел ја повикаа владата во Приштина да се воздржи од еднострани дејства, стравувајќи од заживување на меѓуетнички конфликт. ЕУ го суспендираше финансирањето на некои проекти пред речиси две години.
Аналитичарите велат дека идната косовска влада ќе мора да работи на враќање на партнерството со Унијата и со Соединетите држави.











