Валкани чаршафи и зелени постелнини за операционите сали стојат неиспрани во ходниците, затоа што пералната на Клинички трет ден не работи. Се пере каде има и колку се може, а клиниките се снаоѓаат како да дојдат до чиста постелнина. Вонреден надзор изврши и Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој констатираше дека пералницата не ги исполнува условите за вршење на дејноста.
„Централната перална која стопанисува Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, Универзитетски клиники, Завод, Ургентен центар Скопје, не ги задоволува санитарно-техничките услови кои што потребно е да ги има. Потребно е комплетно реновирање на просторот и на опремата. Во моментов се работи со застарени машини за перење кои постојано се во дефект и со тоа се оневозможува и снабдувањето на клиниките во делот на Универзитетскиот центар“, вели Кирил Лазов директор на ДСЗИ.
Проблем имаат и вработените во пералната кои повеќе од шест месеци немаат земено плата. Службите на Клинички тврдат дека ѝ дале пари на фирмата СкопСтер за да им исплати средства и велат дека одговорноста е нивна.
„Ние сме наплатиле доволно за вработените кои се во дејноста во пералната да земат плата, односно отприлика вклучувајки од 31 декември до денеска сме ѝ платиле на компанијата околу 80%, односно 90% од долгот, што практично е доволно за да ги платат вработените во пералната.
Фирмата СкопСтер, пак, тврди дека службите на Клинички им должат пари. Велат дека пералната ја презеле за да ја добијат во владение, но бидејќи таа процедура не е почната, сега ќе ѝ ја вратат на државата“, велат од Служба за заеднички работи на Клинички центар.
„Вкупниот доспеан и неплатен долг од Службата за Општи и Заеднички Работи на Клинички кон СкопСтер, по основ на издадени фактури заклучно со 15.09.2025 година, изнесува 5.853.775 денари. Ова се средства кои се наменети не само за плати, туку и за набавка на репроматеријали, тековно одржување и менаџирање, односно за вкупната работа на СкопСтер за управување со пералната. Уште во петокот, 19.09.2025 година, Клиниките од Клинички Центар „Мака Тереза“ престанаа да ги носат чаршафите и другиот материјал за перење во оваа перална“, соопштуваат од СкопСтер, фирма која управува со пералната.
Надлежните проблемот ќе го решаваат со одземање на ингеренциите на фирмата Скопстер. На владина седница ќе се разгледува предлогот со пералната да раководи владината Служба за општи и заеднички работи.
„Тоа ќе биде една од точките утре на седница на Влада. Исто така разговаравме и со компанијата исто така и тие ќе донесат денеска документ, сè уште не е поднесен документот кај нас и тие ќе бараат официјално од нивна страна, бидејќи очигледно е дека не може да се менаџира, да се отстапи пералната на државата“, изјави Азир Алиу министер за здравство.
Пред еден месец вработените во пералната на Клинички коишто се грижат сите клиники да добијат чисти чаршафи за болните и хирурзите да добијат облека за операциите, штрајкуваа поради неисплатени плати од месец февруари.
Симона Петровска











