Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

(Видео) Поплавени улици поради невремето кое го зафати Скопје – Кризниот штаб на градот мобилизиран

/

пред 94 дена

Сподели преку :

Силно невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер попладнево го зафати Скопје, откако Управата за хидрометеоролошки работи претходно предупреди на локална нестабилност и можност за краткотрајно невреме со појава на град.

Обилните врнежи за кратко време предизвикаа задржување на вода на повеќе градски улици и булевари, поради што сообраќајот на неколку локации се одвива забавено и отежнато. Возачите се движат со намалена брзина, а на одделни сообраќајници се создадени и колони.

Според прогнозата на УХМР, во текот на попладневните часови се очекуваше локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а на поединечни места и краткотрајно невреме со пообилни врнежи и појава на град.

Од Град Скопје информираа дека Кризниот штаб, заедно со екипите на јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и е на терен. Во координација со Центарот за управување со кризи, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада и останатите надлежни институции, службите се подготвени да интервенираат доколку има поплави, материјална штета или потреба од итна реакција.

Градоначалникот порача дека сите расположливи капацитети се ставени во функција за навремена реакција.

„Поради силното невреме кое денеска го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен. Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети. Ги повикувам граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби“, напиша на својот „Фејсбук“ профил Орце Ѓорѓиевски.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат непотребни движења за време на невремето и да ја приспособат брзината на движење на условите на патиштата.

Т.Д.