Бараа 12 отсто, добија два и пол пати помалку. СОНК, си подаде рака со владата и министерките Претседателот на синдикатот на образование задоволен од догoворот и ветувањата дека платите на просветните работници ќе ја достигнат и надминат просечната плата, но во наредните четири години.
„Согласно колективните договори во иднина се бара решение, вработените во основно и средно образование да имаат плата во висина на просечна или нешто над просечната плата. Ова е доказ дека со заемно почитување и разбирање како социјални партнери, можеме да дојдеме до решение“, вели Јаким Неделков претседател на СОНК.
Според, финансиската конструкција, платите ќе растат секој март за најмалку 7,5 отсто во наредните 4 години, а проектираниот раст треба да достигне 46 отсто од сегашните примања. Наставниците покрај повисоки плати побараа и потпишување на колективни договори за основното и средно образование. Тие беа изготвени во време на минатата власт, а актуелната вети ставање потпис до март наредната година.
“Со заокружување на колективните договори за основно и средно образование тоа значи дека од март 2025 година со примена на овие колективни договори дека одлични решенија ќе има внатре, каде што ќе одат во правец на подобрување на правата и обврските на просветните работници од една страна и работодавачите од друга, министерството итн“, вели Јаким Неделков претседател на СОНК.
Иако претходно ставот на владата беше дека нема пари во буџетот за нови зголемувања, Мицкоски вели дека средствата се најдени од зголемена наплата од страна на Царината и Управата за јавни приходи.
Од СДСМпак обвинуваат дека тврдењето дека нема средства во буџетот е само алиби. Од партијата се на став дека ова е само уште еден козметички потег за ублажување на незадоволството и не исполнување на барањето дадено во предизборната кампања за значајно подобрување на животниот стандард на наставниците.
Синдикатот имаше преговори и со министерството за образование, но од таму им порачаа дека ќе го добијат тоа што го заслужуваат откако државата ќе може тоа да го направи.
Симона Петровска











