Четирите општини што не добија пари од унгарскиот кредит ќе може да ги испратат подобрените проекти до 15 ноември, соопшти премиерот Мицкоски на денешното потпишување на договорите со општините кои добија финансирање на проекти.
Тој нагласи дека за годинава се предвидени околу 6 милијарди денари со кои ќе се финасираат проекти на општините, а следната година за оваа намена ќе се оделат околу 15 милијарди денари.
Струмица беше една од четирите општини со одбиени проекти, поради што градоначалникот Костадинов најави и излегување од ЗЕЛС.
Премиерот Мицкоски смета дека таква одлука би била погрешна, но доколку и формално ја потврди Советот на Општина Струмица, ќе значи неодговорно управување со општината на сметка на граѓаните.
Покрај неодобрените проекти Костадинов ѝ замерува на Владата и за односот кон проблемот со водата, сметајќи дека наместо да се помогне и да се бара решение, проблемот се политизира.
И градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, не планира да оди на седницата на ЗЕЛС.
Тој смета дека министрите се однесуваат неодговорно и ЗЕЛС наместо да ги штити, дејствува под влијание на владејачката партија. Јакимовски вели дека доколку претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски, има некаков предлог за надминување на проблемите тие се расположени за разговор, во спротивно нема да се појавуваат на седниците.
Претседателот на ЗЕЛС, пак, Орце Ѓорѓиевски, за Македонката радио телевизија изјави дека нема интерес за соработка од струмичкиот градоначалник и во овие најави за истапување од ЗЕЛС гледа обид да се направи вештачки проблем.
Според Ѓорѓиевски таквото однесување ги става во заложништво граѓаните на овие општини.
Сузана Мицева











