Владата не достави мислење до Уставниот суд околу т.н. „Солидарниот данок“ и ќе ја почитува одлуката која ќе биде донесена без разлика на исходот односно дали ќе треба да се вратат парите собрани со данокот или не.
Доколку судот донесе таква одлука со ре локација на средства во Буџетот или ребаланс ќе се обезбедат речиси 50 милиони евра кои евентуално ќе треба да се вратат на компаниите а премиерот Мицкоски го отвори и прашањето дали потоа и ќе се бараат камати на овие средства.
Мислењето на Владата кое го побара Уставниот суд требаше да биде доставено до почетокот на неделава но не е задолжително и постапката по овој предмет во судот продолжува.
Бизнис секторот останува цврсто на ставот дека „солидарниот данок“ треба да се поништи а парите да се вратат кај фирмите.
Пред уставните судии се три опции. Првата е да се укине, што би значело во иднина да не може да се применува, ниту да се донесе идентичен закон, втората е да се поништи и само во овој случај државата ќе треба да ги врати парите од данокот додека третата е да се запре постапката но таа се применува многу ретко.
Разгледувајќи ги поднесените иницијативи ставот на повеќето уставни судии е дека има елементи на нарушување на уставноста, бидејќи со данокот се повредува владеењето на правото, тој е ретроактивен, а ретроактивноста е забранета и лошо е толкувана директивата на ЕУ на која се повикува овој закон.
Законот за солидарен данок се донесе во сепрември во 2023 година. Се оданочија околу 150 фирми. Тие платија дополнителен данок на државата и се собраа околу 50 милиони евра.
Седницата на која ќе се расправа за уставноста на законот треба да се одржи на почетокот на февруари.
Огнен Чанчаревиќ











