Премиерот Ковачевски контра мерките на неговиот претходник Заев. Вели тој е против замрзнување на цените, мерка која беше воведена во декември лани за да се ублажи растот на цените од енергетската криза. Мерките пак кои ги донесе неговата влада прекинуваат со важност за десетина денови. Дали и кои мерки ќе се продолжат, и дали ќе има нови, премиерот вели се уште се анализира.
Некои од предлозите кои што се даваат се неприфатливи и неодржливи, како на пример замрзнување на цените кое што го предлагаат некои економисти. Тој пристап може да се примени во определени држави, само таму каде што целиот ланец на набавки се наоѓа во државата. Меѓутоа кога се работи за држава како нашата, која што е мала отворена економија, каде што најголем дел од суровините од кои се произведуваат финални производи се увезени, и чија што цена зависи од цената на светски берзи, тогаш доколку се воведе таква мерка може да доведе до сериозни ликвидносни проблеми на компаниите број еден, и број два до недостатоци на пазарот, вели Ковачевски.
И експертите и трговците со храна беа децидни дека доколку некои од мерките не се продолжат, цените на храната во јуни ќе одат уште нагоре. Така, доколку ДДВ-то за храната се врати на 5 проценти и се пуштат замрзнатите маржи за трговците за основните прехрамбени производи, тоа ќе мора да се пресмета во финалната цена. Но велат дека и владините мерки не можат многу да го спречат растот, бидејќи цените на суровините глобално постојано одат нагоре. Експертите апелираа на внимателност при носењето на мерките и анализи кои од нив до сега дале ефект.
Инаку владата донесе повеќе одлуки за да го заштити стандардот на граѓаните. Така некои прозиводи се продаваат по набавна цена и со 0 проценти ДДВ, а за некои производи е скратена профитната маржа. Но и со владините мерки, цените на храната пак растеа. Статистика измери дека инфлацијата во април достигна 10,5 проценти.
Александра Филиповска











