Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Владина делегација ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп – Владата потврди, но не даде детали кој ги поканил

/

пред 642 дена

Сподели преку :

Премиерот Мицкоски и тројца министри од утре се во Вашингтон. Ќе останат неколку дена, а на 20-ти јануари ќе присуствуваат и на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп.

Владата потврди, некои коалициски партнери се пофалија, но никој не одговори – на чија покана, ниту врз основа на што тие ќе присуствуваат на церемонијата.

Во владиното соопштение се споменува името на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, како и Викторија Трајков која е заменик-министерка за европски прашања. Тие ќе бидат дел од делегацијата во Вашингтон.

Соопштението на Владата доаѓа откако медиуми од соседството објавија наводи дека поканата е од страна на ПР-компанија со која ВМРО-ДПМНЕ соработувала од пред десетина години.

Коалицискиот партнер во Владата, Вреди, се пофали дека учеството на лидери од коалицијата на настанот е доказ за силните врски со новата американска администрација и важен чекор кон зајакнување на односите во иднина.

„Делегацијата предводена од македонскиот премиер Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“. Очекувањата се дека за време на престојот премиерот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така премиерот Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло каде ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции“, информираат од владата.

Четириесет и седмиот претседател на САД, Трамп за два дена повторно влегува во Белата куќа. Очекувањата се редат, а прогнозите се дека приоритетни ќе бидат односите со Русија и со Кина како и стабилизацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток.

„Но, обединувањето на Европа е една од традиционалните цели на американската надворешна политика“, вели професорот Васко Наумовски, кој е поранешен амбасадор во САД.

Регионот на Западниот Балкан не му е туѓ на Доналд Трамп, па Македонија може да се надева на добивање одреден вид на поддршка, оценува Наумовски.

„Оние процеси коишто го попречуваат обединувањето на Европа би можеле да дојдат на дневен ред на тој начин што САД ќе се посветат на отстранување на пречките на процесот на проширување, како што на пример ние го имаме овој билатерален проблем со соседна Бугарија. Сметам дека стабилизацијата на регионот на Европа, а во тој контекст и стабилизацијата на Западен Балкан ќе биде еден од приоритетите и токму таму мислам дека може да се надеваме дека ќе добиеме определен вид на поддршка“, вели Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД.

Инаку, опозициската Алијанса за Албанците, која е дел од Европскиот фронт, денеска ја повика Антикорупциска да отвори истрага за транспарентноста на патувањето на владината делегација на инаугурациската церемонија на Трамп.

Бараат одговори на неколку прашања, меѓу кои кој ги плати билетите за присуството на настанот, кој ги покрива патните и сместувачки трошоци во САД и дали за оваа намена се трошат пари на граѓаните.

Ја обвинуваат власта дека демонстрира „западен имиџ“, додека Македонија останува блокирана во интеграциските процеси.

Петар Догов