Минатата година завршила со драстично зголемување на сите параметри на компанијата, рече Дејан Кошутиќ, директор на МЖ Транспорт, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Товарниот транспорт, кој е главна приходна страна на државен железнички транспорт, ја заврши годината со 184 милиони нето тонски километри, помалку или повеќе околу 10 милиони нето тонски километри повеќе од 2023 година. Патничкиот сообраќај во последниот квартал е зголемен за околу 36 отсто во однос на истиот квартал во 2023 година. Со оглед дека во јули месец затекнавме едвај две локомотиви, 24 часа бевме фокусирани дали ќе издржат повеќе од два дена, па се случуваше по неколку денови да немаме ниту една. Во ист момент на Табановце и на Гевгелија имате закачен сообраќај, насобрани возови“, вели Кошутиќ.
Таквата ситуација, како што рече, била причина за реакции на домашни и странски коминтенти, но и влади.
„Имаше, бидејќи 220-те километри Табановце – Гевгелија се наоѓаат на клучната линија на Коридорот 10, односно од пристаништето во Пиреја, пред сè, кон централна Европа и во спротивна насока“, додаде Кошутиќ.











