Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Во кал и пепел, на дожд и сонце, работа во услови од +50 до -40 степени – во пензија по над 40 години во рударските јами на РЕК Битола

/

пред 794 дена

Сподели преку :

Благојче Трипуновски, речиси, половина век мина во рударските јами на РЕК Битола, 130 метри под нивото на земјата. Неговото работно место е во јагленовиот коп во Суводол, во кал и пепел, на студ и на сонце, во време и невреме. Од 18 години е во рудникот како ракувач на одлагач и секојдневно ја дише црната прашина. Нема потешка од рударската, работа вели Трипуновски, кој по 44 години работен стаж заминува во заслужена пензија.

„За условите да не кажувам. Условите во рудникот се од +50 до -40 степени. Кога влегуваш во електрокабината, дожд врне од пот по нас. Не можеш да гледаш. Во лето така, а во зима обратно. Но, машините мора да работат“, вели Благојче Трипуновски, ракувач на одлагач.

Во пензија заминува и Џевдет Џеловски, кој 42 години мина на едно од најтешките работни места во Суводол, како ракувач на надбункер. Вели, без оглед на временските услови, беше вистински предизвик да се обезбеди јаглен за електраните да можат непречено да произведуваат електрична енергија, се работеше посветно и со елан.

„Системот на моето работно место не беше лесен. Ако не обезбедевме ќумур, електраната не можеше да работи. Секој од трите блокови има по шест бункери, а секој бункер троши по 300 тони јаглен. За работа на еден блок во смена потребни се 1.800 тони јаглен. Ако работат три блока сметајте колку ќумур е потребен“, вели Џевдет Џеловски, ракувач на надбункер.

Но, во тешки работни услови минува работниот век уште на илјадници други рудари. Коповите во РЕК Битола кријат многу човечки и работнички приказни. Во речиси половина век постоење на комбинатот, овде имаше и кобни несреќи. Да се подигне споменик за сите кои го вградија животот во РЕК Битола, иницираат рударите.

„Ние дадовме многу жртви и би сакал една спомен плоча, затоа што мои колеги имаат загинато. Сите тие да бидат напишани на спомен плоча овде во РЕК- во Рудникот или во Термото“, предложи Трипуновски.

Менаџментот на РЕК, по повод Денот на рударите, на работниците со најдолг стаж кои заминуваат во пензија им врачи пригодни подароци, како благодарност за посветеноста и долгогодишниот ангажман.

Емилија Мисирлиевски