Смирувачки пораки од надлежните институции дека во текот на утрешниот ден дел од пациентите ќе можат да ја добијат биолошката терапија. Според Стојковски, во моментов недостасува терапија за дел од третманот на 40 до 60 пациенти, сите останати пациенти ја примаат потребната хемотерапија, радиолошката и биолошката терапија.
„Анексите од договорите се потпишани и тие ги очекуваме во најкус можен род да дојдат тие што се по анекс. За другите лекови работиме веќе заедно со директорот на фондот за обезбедување на донација на некои од лековите и брза постапка за најбрзо што може. Само да потенцирам дека повеќето од пациентите што се третираат на Универзитетскатата клиника за радиотерапија и онкологија ја примаат потребната терапија“, изјави проф. д-р Игор Стојковски, директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
За Стојковски, причината за недостигот на лекови се должи на зголемениот број на пациенти, но и поради кус недостиг на еден лек тие пациентите се вклучувале на друг лек од истата тераписка група. Се надева дека со зголемениот буџет и различна методологија на планирање на истиот ќе биде надминат ваквиот проблем и тоа посебно за лекови кои се на условен буџет. Сето ова треба да ги премости проблемите за многу кус период, смета Клековски.
„Веќе во петок треба да бидат одобрени годишните планови и многу брзо после тоа да бидеме во капацитет да ја спроведеме годишната редовна набавка. Разговорите овој период се за многу краток период да се обезбедат потребните лекови. За 4-5 недели, во тој период да бидат завршени редовните годишни набавки. За кои се надевам ќе ги објавиме следната недела“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.
За професор Димитров важно е да се воведе т.н. „Син термин“, за кој префесионалните здруженија веќе две години апелираат, за да може да им се олесни животот на пациентите кои се веќе детектирани со малигни болести.
„Сите дијагнози кои што се малигни, не зборуваме само за ракот на грло на матката да имаат слободни „сини термини“ во кои што докторите ќе можат да закажат било каква потребна интервенција, дали е тоа за предоперативна подготовка, дали за следење на болеста. Кога ќе се кликне на „Мој термин“ да се види дека има сино. Тоа не мора да биде веднаш наредниот ден, дека тоа не е ургентно, но да биде во наредните 14 дена за испитување“, изјави проф. д-р Горан Димитров, претседател на МЗЦПК и МЗХПВ.
На годишно ниво има околу 170 нови случаи на рак на грлото на матката во нашата земја. Според податоците на Клиниката за радиотерапија и онкологија бројот на новорегистрирани пациенти со рак на грлото на матката во моментов има тренд на намалување, вели професор Стојковски.
Нина Стефанова











