Хаварија кај изворот Шум на почетокот на февруари ги извади на површина долгогодишните проблеми на струшки „Водовод“.
Претпријатието се соочува со долг од над 4 милиони евра, кадровска неекипираност, недостиг од механизација, а новиот директор Јован Мечкароски вели дека секојдневните дефекти се санираат со позајмени машини
„Сето тоа го правиме со нула механизација. Сега правиме напори за набавка на нова машина за водоводното претпријатие и сервисирање на машините кои некој ги оставил нефункционални“, вели Јован Мечкароски, директор на ЈП „Водовод и канализација“-Струга.
Покрај техничките проблеми, водоводот страда и од големи загуби на вода, дел поради кражби, а дел поради дотраената мрежа.
„Јавното претпријатие пумпа вода на големи далечини со дотраена инфраструктура и затоа имаме многу дефекти. Но тука е и несовесноста на луѓето – имаме огромни кражби. Ние фактурираме 50, 60, 70 кубни метри вода, а пумпаме 300 кубни метри. Тоа е неодговорност“ додава Мечкароски.
На 9 февруари се случи еколошки инцидент кај изворот Шум, кога од чешмите потече матна вода, поради што Струга речиси еден месец остана без чиста вода за пиење.
Следеше забрана за користење, секојдневни анализи и истрага за можна незаконска експлоатација на минерални суровини и загадување на изворот.
Две фирми добија забрана за активности на локацијата.
„При увидот на лице место, истражителите на обвинителството затекнале механизација на две фирми. Сопствениците за Телма изјавиле дека го рамнеле теренот за одгледување лешници и за изградба на кокошарник.“
Иако на 6-ти март Центарот за јавно здравје соопшти дека водата е исправна, состојбата и понатаму се следи внимателно поради ризик од ново заматување.
Овој еколошки инцидент повторно го отвори прашањето дали станува збор за негрижа или корупција и дали ваквата состојба можела да се спречи.
Емилија Мисирлиевски











