Роднини на израелски заложници упаднаа во Кнесетот и ја прекинаа работата на парламентарната комисија за финансирање. Тие побараа ослободување на нивните најблиски од Појасот Газа. Стотина израелски заложници беа ослободени од Хамас во ноември, како дел од договорот за неколкудневен прекин на огнот во Појасот Газа со кој беа опфатени 300 палестински затвореници.
Роднини на дел од киднапираните се собраа пред куќата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, каде подигнаа и шатори во кои ја минаа ноќта, како притисок до него и владата да вложат максимални напори за враќање дома и на преостанатите заложници. Нетанјаху, пак, го повтори ставот за продолжување на офанзивата до целосна победа над Хамас. Израелската влада во меѓувреме одбиваше да преговара за друг таков договор.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел го повтори ставот дека дводржавно решение, со учество на Израел, е еден од начините за ставање крај на војната во Појасот Газа. Шефицата на германската дипломатија, пак, денеска повика на хуманитарни паузи, со цел олеснување на страдањата на палестинските цивили во енклавата, но и за ослободување на преостанатите израелски заложници кои ги држи Хамас.
Се верува дека Хамас ги држи израелските заложници во тунели, длабоко под земја, во Газа и ги користи како жив штит за своите највисоки лидери. Израелските сили досега успеаја да спасат само еден, додека Хамас порача дека неколкумина се убиени во воздушните напади на Израел, тврдења кои, сепак, не можат независно да се потврдат.
Според израелските власти, борбите во Појасот Газа ќе продолжат со месеци. Палестинската милитантна група одговори дека повеќе нема да ослободува заложници до прекин на огнот.











