Наместо другарување, меѓу учениците владее врсничкото насилство. Во училиштата, но и надвор од нив, учениците од основните и средните училишта се изложени на најразлични облици на врсничко насилство. Анализите на народниот правобранител покажуваат дека учениците сè уште не препознаваат други видови на насилство. До канцеларијата на народниот правобранител пристигнати се 30 претставки изминатата година, а најголем број од нив се за врсничко насилство.
„Истражувањата што ги правиме во оваа насока и нашите посети во училиштата покажуваат дека многу често насилството се користи како алатка за прикажување на моќ од страна на децата. Некој сака да покаже доминантна страна во одредено училиште, а секогаш како жртви се јавуваат послабите деца, помирните деца, децата со попреченост или учениците од посиромашните семејства“, изјави Васка Бајрамовска Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител.
На децата уште од мали нозе родителите треба да им укажат дека конфликтите се решаваат преку разговор, а не со насилство кое носи штетни последици. Според Бајрамовска, освен разговор со родителите за решавање на овој проблем треба да има активна соработка на релација родители и наставен кадар. Таа алармира дека потребна е едукација на стручните служби за препознавање на насилство и неопходни мерки за решавање. Довербата кај учениците и родителите во стручните служби е на најниско ниво. Кога треба да пријават насилство тие тоа најчесто го прават кај класниот раководител, затоа што во нив гледаат со најмногу доверба. Загрижува податокот што насилството почнува уште од второ одделение.
„Најголемиот број од повредите во однос на врсничкото насилство се случува во основното образование, а помалку во средното образование. Стручните служби, исто така, потврдуваат дека како децата стигнуваат до погорните одделенија стануваат повеќе свесни за нивното однесување и за тоа каква повреда предизвикува“, додаде Бајрамовска.
Во пресрет на утрешниот ден Светски ден на детето народниот правобранител денес одржа настан посветен на правата на децата.
Тамара Марковска











