Мачка виси од гепек на автомобил додека се движи на патот Штип – Неготино на планината Серта. Ова видео се споделува на социјалните мрежи со осуда за мачење на животното, а граѓанските активисти од иницијативата „Ние за благосостојба на животните“ веќе доставија пријава до Министерството за внатрешни работи (МВР). Од СВР Штип денеска информираа дека работат на расчистување на случајот.
„Откако на социјални мрежи се појави снимката со возилото, полициски службеници од СВР Штип преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на настанот“, се вели во писмениот одговор од СВР Штип.
Граѓанските активисти велат дека од видеото не може точно да се процени во каква состојба е мачката, но сметаат дека ова е еден од честите примери на мачење животни на ваков начин (со врзување и влечење за возило). Според нивни информации, видеото е направено вчера, а сторителот може да се открие, бидејќи се гледаат табличките на возилото.
„За сличен случај, во судската пракса веќе постои пресуда од Основниот суд (К-506/22) во Гостивар за лицето Ѓ.Д., кое под исти околности влечело животно – куче, врзано за своето возило, по што му нанело тешки повреди. Не постои разумно, ниту логично објаснување зошто некој би го сторил ова, па оттука ваквите дејствија несомнено имаат обележја на кривичното дело „Убивање и мачење животни” и против сторителот или сторителите треба да се покрене кривична пријава по службена должност“, велат од иницијативата „Ние за благосостојба на животните“.
Ваквите случаи на измачувања на животни се чести во земјава. Последниот беше со кучето Феликс, кое брутално беше убиено со метална шипка. Активистите подолго време бараат зголемување на казните за сторители кои ги измачуваат животните.
Викторија Јованова











