Македонско сценарио во Србија нема да се случи, порача денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по безбедносниот Самит со претставници на африкански земји. Таквата негова порака беше надоврзување дека погледнал видео снимки од Грузија на кои, како што рече, „седумгодишно дете гаѓа кон полиција“.
„Кој го објави тоа, каде му се родителите? – Прво го објавија западните медиуми, оние кои ги поддржуваат демонстрациите во Грузија. па потоа Телеграм каналите. Зошто некој се фали со учество на дете од 7 години. Мислите дека е ингениозно што ги офарбале бекатон плочите во црвено кои не можат целосно да си исчистат? – Мислите дека тоа е нивна идеја? – Пронајдете ги снимките од 2016 година, целосно исто сценарио како во Севрена Македонија. На тотално ист начин го офарбаа главниот плоштад во Скопје. Газдата и спонзор секогаш биле исти, а жртва се народите врз кои се спроведуваат обоени револуции. Во Србија нема да се случи тоа, бидете уверени“, рече Вучиќ.
Протестите во Македонија во 2016 година беа последица на одлуката на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов за аболиција на 56 политичари и нивни соработници осомничени за скандалот со прислушувањето. На 12 април во 2016 година, илјадници граѓани вечерта излегоа на протест во центарот на Скопје. Револтот што го искажаа низ улиците, а уште повеќе кон институциите што ги сметаа за заробени и нефункционални, се манифестираше преку симболично фрлање боја на објектите од проектот „Скопје 2014“, што практично го означи стартот на „Шарената револуција“.
Претходната година (2015), масовни протести во Скопје се одржаа и по објавени аудио разговори за убиството на Мартин Нешкоски од т.н. серијал бомби. Тогашниот опозициски лидер Зоран Заев тврдеше дека се слушаат гласови екс премиерот Никола Груевски, тогашниот шеф на неговиот Кабинет, Мартин Протуѓер, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и тогашниот портпарол на МВР, Иво Котевски и разговараат за убиството што се случи во 2011 година.











