Вработувањата по формула на диверзитет на Федералната администрација за авијација го направија воздушниот сообраќај во САД по небезбеден, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во врска со несреќата кога се судрија хеликоптер и патнички авион над Вашингтон.
Таквиот начин на вработување, според американскиот претседател, го намалил квалитетот на луѓе кои се вработуваат како контролори за летање, а за тоа ги обвини претходните две демократски администрации, и на Бајден, но и на Обама.
Имавме многу повисок стандард од сите останати. Има работи за кои е потребна ментална способност, за кои ви требаат психолошки квалитети, а тие се многу важен елемент. Тоа беа бројни и моќни тестови кои ги користевме, а беа прекинати од Бајден. Бајден избра стандард кој е сосема спротивен. Затоа, не знаме. Тоа што го знаеме е дека имавме хеликоптер и авион на иста висина. Тоа не смеело да се случи, рече Трамп.
Американскиот претседател ги искажа обвинувањата откако претходно рече дека пилотите на патничкиот авион на Американ Ерлајнс направиле сѐ како што треба, пред да додаде дека не верува оти контролата на летање, исто така, не направила грешка, за на крај да рече дека хеликоптерот бил на погрешно место, во погрешно време.
Оваа контрадикторност му беше посочена од страна на репортерите, кои го прашаа како може да ги обвинува демократите и нивните политики кога сѐ уште нема никакви официјални информации од истрагата, а не се објавени ниту имињата на жртвите. Одговорот на Трамп беше дека за разлика од повеќето луѓе, тој се води од здравиот разум и упати уште едно обвинување до демократите, дека вложиле големи пари во обновување на систем кој не бил доволно добар.
Ова е шаховска игра на највисоко ниво. Кога имате 60 авиони кои пристигнуваат во многу краток период и од повеќе различни правци, потребни ви се многу моќни компјутери, комплексни компјутерски системи. Ќе ви кажам и една друга работа за системите кои беа воведени. Јас сакав комплетно да го сменам системот, но имавме избори кои не завршија како што требаше, и тие не ги направија системите како што требаше.











