Откако Државната комисија за спречување на корупција од вчера демантираа дека нивната членка Цвета Ристовска нема било каква деловна врска со Универзитетот Скопје сега го тврдат спротивното. Ристовска работела како гостин предавач и не земала пари за тоа. Но, сепак додека Ристовска е дел од наставниот кадар на универзитетот, одлучуваше по предметот за директорот на АНБ Бојан Христовски во рамки на кој се проверуваше и неговата диплома издадена токму каде таа предава.
Што се однесува до членот на ДКСК Цвета Ристовска, сакаме да укажеме дека нејзината соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Оттаму, сметаме дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзаност со наведениот универзитет, соопштија од ДКСК.
ДКСК се демантира самата себе, бидејќи најпрвин тврди дека Ристовска е дел од наставниот кадар, за потоа да каже дека нема никаква поврзаност со универзитетот. Се правдаат и дека за оспорената факултетска диплома на Христовски, надлежна институција која ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат врз основа на чиј записник од спроведен инспекциски надзор е донесена одлуката.
Но, факт е дека поврзаност на Ристовска со универзитетот има и истиот бил подложен на проверки во рамки на предметот кој го работела. Притоа крајниот збор за тоа дали Христовски ги исполнил условите за врвната безбедносна позиција во тајната служба го имаше Ристовска. Зошто Ристовска не се изземала од предметот?
Членот 73 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси во однос на пријавување на состојба на судир на интереси е дециден.
Ако службено лице учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи зa кои тоа или блиско лице има приватен интерес, службеното лице е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето.
Во член 14 во истиот закон за престанок на функцијата и разрешување на претседателот и членовите на ДКСК е наведено дека тоа ќе се случи кога очигледно се прекршени правилата за судир на интереси, односно изземање во ситуации во кои членот или претседателот знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за судир на интереси, односно изземање предвидени со закон.
Повторно ја прашавме ДКСК како донеле заклучок дека нема судир на интереси и кој, како и кога ја спровел законската процедура за проверка на Ристовска во постапувањето по предметот, но не добивме одговор туку оттаму излегоа само со кратко соопштение за јавноста.
На телефонскиот повик Ристовска не ни одговори, ниту на испратената порака за изјава и до објавување на прилогот таа не стапи во контакт со Телма.
Марија Митевска











