Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

За една недела пријавени 314 случаи на грип, надлежните велат – земјата се уште не влегла во сезоната на грип

/

пред 290 дена

Сподели преку :

Во текот на 51-вата недела од годинава или од 15-ти до 21-ви декември се пријавени 314 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е повеќе од двојно зголемување во однос на претходната недела, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. Најмногу заболени се регистрирани на возраст од 15 до 64 години, а најмалку кај лица над 65 години. Од Институтот нагласуваат дека земјата се уште не влегла во сезоната на грип.

  • Се забележува раст на бројот и инциденцата на заболувања слични на грип на неделно ниво, но сѐ уште во рамките на вонсезонска активност. Иако на неделно ниво континуирано се регистрираат случаи на лабораториски потврден грип, процентот на позитивност останува под 10%. Согласно овие податоци активноста на вирусот на грипот има регионална активност и низок интензитет на циркулирање, велат од Институт за јавно здравје

Анализите покажуваат дека најчесто станува збор за инфлуенца А,  регистрирани се и неколку случаи на респираторен вирус, а нема заболени од Ковид-19. Од почетокот на сезоната досега, заболеле околу 1.400 лица, а надлежните информираат дека нема смртни случаи поврзани со грипот.

  • Заболените се пријавени од дваесет и три Центри за јавно здравје. Најголем број на заболени лица се регистрирани на територијата на Куманово, додека највисока кумулативна инциденца е регистрирана на територијата на Македонски Брод, соопштуваат од Институт за јавно здравје.

Миење на рацете, проветрување на просториите, избегнување гужви и останување дома при појава на симптоми се препораките на надлежните, а вакцинацијата и натаму останува најефикасна заштита, додаваат тие.

Во државата досега се вакцинирани речиси 79 илјади граѓани со бесплатната и комерцијална вакцина, а процесот и натаму продолжува во центрите за јавно здравје.

И додека бројот на заболени расте, здравствените власти уверуваат дека состојбата внимателно се следи и дека засега нема простор за паника, но има потреба од зголемена претпазливост.

Симона Петровска

Б.С.