Поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев негира дека лицето А.Н., за кое ВМРО-ДПМНЕ го посочи како подметнувач на пожар во атарот на браната Водоча во Струмица и било приведено од полицијата, бил негов шофер. Во изјава за „Фокус“, екс премиерот вели дека станува збор за лице кое било вработено на портирница во Општина Струмица.
„Александар Николов е вработен во Општина Струмица. Јас бев градоначалник на Струмица до 2016 година и во периодот од 12 години колку што бев градоначалник, шофер на градоначалникот, т.е. мој шофер беше Ристо Ѓузелов до неговото пензионирање, а потоа беше Кире Ангелов. Александар Николов во тоа време, колку што се сеќавам, работеше на портирницата во општината и беше возач на општинско возило за потребите на општинските инспекции и останати општински служби за теренските активности. По завршувањето на мојот градоначалнички мандат, го немам воопшто видено“, изјави Заев за „Фокус“.











