Тројца припадници на американската армија загинаа, а петмина се тешко ранети во операцијата на САД во Иран, соопшти Централната команда на САД, пренесува „Би Би Си“. Mеѓувреме, во израелскиот град Беит Шемеш девет лица загинаа во ирански ракетен напад, што според израелските служби е најсмртоносниот удар досега во овој конфликт.
Израелски одбранбени сили соопштија дека започнале нов бран напади врз Техеран, додека ирански претставници тврдат дека најмалку 153 лица, меѓу кои и деца, загинале во напад врз училиште во Минаб.
Паралелно, иранската Револуционерна гарда објави дека го нападнала американскиот носач на авиони „USS Lincoln“, но од Централната команда велат дека ракетите „не се ни приближиле“ до бродот.
По убиството на врховниот лидер Ајатолах Али Хамнеи, иранските власти именуваа привремен лидерски совет, а шефот на дипломатијата изјави дека нов лидер може да биде избран „за ден или два“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека нападите врз Техеран ќе се интензивираат во наредните денови, додека регионот стравува од понатамошна ескалација.











