Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за денеска закажа седница со единствена точка на дневен ред – Утврдување предлог-одлука за избор на член на Државната изборна комисија, врз основа на предлозите на политичките партии.
Пратеникот Фадил Зендели од БЕСА потврди дека кандидатот Зулфи Адили предложен од Европската демократска партија на Арјанит Хоџа ја повлекол кандидатурата и оти во „трката“ за член на ДИК останува кандидатот предложен од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промена – Абдуш Демири.
Демири е заеднички кандидат на Европскиот сојуз за промени.
Комплицирањето на неговиот избор беше причина шестмината опозициски пратеници на Сојузот да ја бојкотираат работата на Собранието.
Член на ДИК се бира со дво-третинско мнозинство од вкупниот број пратеници, што значи нему сега неопходна му е поддршка и од владеачките партии.











