Оризопроизводителите во секој момент чекаат да почне откупот на оризовата арпа за стоковите резерви, со што за 50 отсто ќе се намалат залихите кои ги имаат во амбарите и магацините. Засега, како што истакна Стојче Ташовски од Здружението на млади земјоделци „Арпа“, познато е дека цената ќе биде 37 денари за килограм и дека ќе се откупат околу 2.400 тони. Уредбата од Владата е веќе објавена, сега очекуваат по која цена ќе се откупува оризовата арпа и како ќе тече целиот процес.
„Ова е првпат во овие 20 години да се ангажира државата и да откупи ориз за стоковните резерви. Претходно имаше откуп на пченица, но на ориз немало“, изјави Стојче Ташовски од Здружението „Арпа“.
Оризопроизводителите во моментов се соочуваат со ниска откупна цена на оризовата арпа и нестабилен пазар. За квалитетот на ориз сè уште е рано да се зборува, бидејќи водата беше пуштена доцна, со што задоцни и сеидбата. Но, оризопроизводителите се надеваат на добар род и квалитетно зрно, бидејќи сегашните информации се дека има доволно вода за сите ниви.
Во моментов рано е да зборуват за квалитетот на зрното. Во кочанскиот, виничкиот и штипскиот регион под ориз се посеани околу 4.000 хектари.
Викторија Јованова











