Лидерот на СДСМ Венко Филипче останува на ставот дека преговорите за членство во ЕУ се блокирани како реузлтат на политиките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Откако премиерот го одби неговиот предлог во Собранието да се изгласа Резолуција со која ќе се дефинираат македонските црвени линии во однос на европските интеграции, Филипче оценува дека владата е конзистентна за тоа да нема преговори со Унијата.
Преговорите не можат да бидат блокирани затоа што никогаш не ни почнаа, одговори министерот за надворешни Тимчо Муцунски на Фејсбук.
Ја движиме државата напред–таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање... Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули. Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но, зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа, напиша муцунски.
Филипче не се откажува од Резолуција која би се усвоила во Собрание, а во која ќе се дефинираат „црвените линии“ за македонските евроинтеграции. Најави дека документот ќе биде објавен неделава и занего ќе може да се разговара. Европските интеграции се едно од најважните прашања за напредокот на земјата, и не смее ништо да не се случува или да се става на страна како што прави владата, вели Филипче.
Македонија го заврши процесот на скрининг, но втората меѓувладина конференција која би значела отворање поглавја е условена од уставните измени. Високи претставници на Унијата постојано ја повикуваат земјата да ги заврши уставните измени за да почнат преговорите за членство.
Марија Дивитарова











