Поради одрони на патот кај село Ругинце од 10:20 часот затворени за сообраќај се патните правци Куманово-Кратово и Куманово-Крива Паланка, информира АМСМ. Екипи на „Македонија пат“ се упатени на местото и работат на расчистување на одронот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредуваат на можни излевања на реки, што би предизвикало локални проблеми, како покрај водотекот така и на патната инфраструктура која е во негова близина. На одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони.
Врнежите го зголемија нивото на вода во речиси сите реки во земјава. Исклучок се реките Струмица на мерното место кај Ново Село и Црн Дрим кај Ложани каде нивото е пониско во споредба со вчерашното.
Најголемо зголемување на водостојот од 48 сантиметри во споредба со вчера има реката Радика на мерното место кај Бошков Мост по што следи Треска кај Македонски Брод со покачено ниво од 40 сантиметри.











