Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Здружението на судии бара темелна и транспарентна истрага за судијата Ристов

/

пред 256 дена

Сподели преку :

Здружението на судии на Република Северна Македонија соопшти дека внимателно ги следи настаните поврзани со приведувањето на Ѓоко Ристов, кој беше судија во Апелациониот суд во Скопје, а воедно изрази поддршка до надлежните институции во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Од Здружението очекуваат истрагата да биде спроведена темелно, прецизно и без селективност, со целосна почит кон законските процедури и утврдување на сите релевантни факти и околности.

„Во случај на докажана корупција, Здружението на судии јасно и недвосмислено се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем“, се наведува во соопштението.

Воедно, Здружението апелира да не се прават генерализации кои дополнително ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем, нагласувајќи дека чесните и професионални судии претставуваат огромно мнозинство во судството.

„При секоја постапка мора доследно да се почитува уставното начело на пресумпција на невиност“, порачуваат од Здружението, додавајќи дека во вакви моменти не е потребен сензационализам, туку достоинство, отчетност и целосно почитување на човековите права и европските вредности.

Здружението на судии останува посветено на јакнењето на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и на враќањето на довербата на граѓаните во правдата и институциите.

Т.Д.