Кој ги истрела проектилите врз Полска? Се заканува ли војната во Украина да излезе надвор од границите на Украина и да предизвика судир кој никој не сака ниту да помисли дека може да се случи: Русија – НАТО?
Тоа што веќе и официјално е потврдено, по серијата информации кои беа хаотично објавени една по друга, е дека две лица, државјани на Полска, ги загубиле животите во експлозија на проектили во близина на села на границата меѓу Украина и Полска.
Западните медиуми, повикувајќи се првично на информации од американските разузнавачи објавија дека жртвите се убиени во експлозија на руски проектили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија земја денеска се соочи со веројатно најжестокото бомбардирање од почетокот на војната, кое во пресрет на студената зима, се заканува земјата безмалку да ја врати во средниот век, оставајќи ја без струја, греење и вода за пиење, побрза да ја обвини Русија дека намерно ја нападнала Полска, членка на НАТО.
„Ова е руски ракетен напад на колективната безбедност и многу значајна ескалација. Мора да реагираме“ – порача Зеленски, кој од самиот почеток на руската инвазија се обидува да издејствува активно вклучување на Северно-атланската алијанса во одбрана на неговата земја, која не е членка на НАТО.
Реакциите од НАТО, особено најмоќната членка на Алијансата, Соединетите американски држави, е многу повнимателна.
Безбедносните експерти ги анализираат сликите кои циркулираат на социјалните медиуми на кои се снимени фрагменти од проектилите кои паднале на Полската територија.

Според нивните претпоставки , најверојатно станува збор за проектили од системот S-300. Станува збор за ракетен систем земја –воздух кој во војната го користат и Русија и Украина.
„Знаеме дека Русија ги користи системите S-300 за напад на цели на земјата, иако станува збор за против-воздушна одбрана, но Украина исто така ги користи за одбрана од руските ракети“ – ја пренесува ББЦ изјавата на Андрес Ганон, безбедносен експерт.
Руските државни медиуми веќе објавија дека Украински проектили се урнале врз територијата на Полска. Полска – провокација, објави руската државна телевизија.

Белата Куќа, Пентагон и Стејт департментот порачаа дека не можат категорично да потврдат што се случило и се консултираат со сојузниците во Полска.
Ниту САД, ниту НАТО не сакаат да бидат вмешани во директен судир со Русија.
Поранешниот специјален американски пратеник за Украина, Курт Вокер, за британскиот јавен сервис, изјави дека е исклучително важно да се утврди дали ракетниот напад на територијата на Полска биле намерен или случаен.
Можноста за вакви настани денеска беше исклучително голема, затоа што Украинците френетично се обидуваа да срушат барем дел од масовниот бараж руски проектили кои го таргетираа нивниот енергетски систем.
Засега нема никаква индикација, ниту пак воена логика Русија да гаѓа село во Полска.
Бруталниот план на Путин и Русија очигледно го дава својот резултат.
Зеленски, кој само пред еден ден триумфално го прослави враќањето на Украинските сили во градот Херсон, вечерва потврди дека 10 милиони жители на неговата држава се без струја и греење.
Никола Илиевски











