Една жена го загуби животот во силното невреме што попладнево го зафати Сомбор и делови на северот на Србија, потврди министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.
Според него, жената настрадала на лице место по пад на дрво врз автомобилот кој го управувала.
Обилни врнежи од дожд, на места и град и силен ветар попладнево ја зафатија Србија. Републискиот хидрометеоролошки завод го подигна метео-алармот за некои делови во земјата на највисоко, црвено, ниво.
Според објаснувањето, црвениот метео-аларм означува временски услови кои можат да предизвикаат материјална штета и да бидат многу опасни по луѓето и животните.
Српските медиуми јавуваат дека во повеќе градови во земјата врнело град со големина на лешник и орев.
Силно невреме попладнево го зафати и континенталниот дел на Хрватска и делови од БиХ.











