Животот на 76 критични пациенти е во рацете на странски лекари. Се подобрува здравствената состојба на петтемина кои беа испратени на лекување во Анкара, информираат од македонското министерството за здравство. Уште неколку од потешко повредените во страотниот пожар кои во моментот се лекуваат во земјава, ќе бидат префрлени во странски болници во Виена, Чешка, Холандија, Италија и Хрватска.
На Клиника за пластична хирургија во моментот се хоспитализирани 10 пациенти, на Клиника за токсикологија – 10, на Торакална – 4, на Трауматологија – 2, на Детска хирургија – 4, на КАРИЛ – 13, на Клиника за пулмологија – 2, во ГОБ „8 септември“ – 17, во хируршка клиника „Св Наум Охридски“ – 11, во Општата болница во Штип – 2.
Според информации од медицинските центри во Австрија, од шест пациенти, пет се на интензивно лекување во стабилна состојба, додека еден е префрлен на интерно одделение. Во Литванија – четворица пациенти се на интензивно лекување во стабилна состојба.
Петтемина пациенти повредени во пожарот во Кочани кои беа испратени на лекување во Анкара, Турција од денес дишат самостојно.
Во Србија во моментот се лекуваат 30 пациенти, кои се на интензивно лекување во стабилна состојба.
Во здравствени установи во Бугарија се лекуваат 14 пациенти од кои седум се на интензивна нега, а останатите се со помал процент на изгореници и самостојно дишат. Во Грција се лекуваат осум пациенти кои се стабилни во моментот.











