Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп вечерва свечено беше одбележана 24-годишнината од масакрирањето на 10-те прилепски бранители кај Карпалак.
Со положување цвеќе и оддавање почит пред спомен-обележјето, делегации и роднини се присетија на трагичниот 8 август 2001 година, кога армиски конвој беше нападнат во засада на патот Скопје – Тетово.
Командантот на гарнизонот, потполковник Сашко Палески, истакна дека загинатите херои со достоинство ја извршиле својата должност и ја бранеа татковината.
„Останува обврската нашите сеќавања да ги пренесеме на идните генерации – да не се заборави и никогаш да не се повтори“, рече тој.
Преживеаниот бранител и претседател на здружението „Карпалак“, Игор Петрески, посочи дека Прилеп достојно се сеќава, но државата не прави доволно.
Тој апелираше за конечно поставување на соодветно и достоинствено спомен-обележје на локацијата Карпалак.
Централното чествување ќе се одржи утре во Прилеп, пред споменикот Карпалак.











