Седумдесет и осумгодишен пациент од Општина Чешиново Облешево починал на Клиниката за инфективни болести по компликации од западно-нилска треска, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје. Институтот наведува дека станува збор за четврти случај на западно-нилска треска годинава во Македонија, а кај нив бил пријавен на 16 септември.
Првите симптоми, намален апетит, малаксаност и покачена температура кај пациентот се појавиле на 9 септември. Следниот ден бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде по дијагнозата уште истиот ден бил препратен на Инфективната клиника во Скопје.











